Владата апелира медиумите да се придржуваат до етичките принципи.

Во овие тешки моменти, уште еднаш го повторуваме упатениот апел до медиумските екипи кои присуствуваат на денешниот погреб на жртвите од трагичниот пожар кој настана во кочанската дискотека да се придржуваат до етичките принципи.

Најголем дел од медиумите не емитуваат и шират фотографии и видеоматеријали од семејствата на настраданите, а оние кои објавиле такви содржини уште еднаш апелираме да се придржуваат до етичкото информирање.

Чувствителноста на трагедијата и личната болка на семејствата во овој момент не треба да биде мета на сензационализам, емотивни наративи, фотографии и видеа. Ги повикуваме медиумите да ги почитуваат приватноста и достоинството на семејствата и во никој случај со медиумското известување не треба да се предизвика лично вознемирување и вознемирување на јавноста. Уште еднаш упатуваме апел до медиумите да пренесуваат проверени факти, да избегнуваат шпекулации и дезинформации, да ја запазуваат приватноста на семејствата на жртвите.

Во исто време им се заблагодаруваме на медиумите кои известуваа професионално и ги почитуваа препораките за известување од погребот на жртвите од трагичниот настан.