Премиерот Христијан Мицкоски денеска при посетата на Тетово порача дека владата инвестира неселективно, независно од политичката структура на локалната власт. Во таа насока, беше означено и завршувањето на новиот дел од булеварот „Видое Смилевски-Бато“, кој се протега од крстосницата кај Фуштанска до влезот во селото Порој.

Владата инвестира неселективно, без оглед на партиска припадност

„Присуството тука, заедно со градоначалникот, претставници на Владата, пратеници и советници, е знак дека сме обединети околу проекти кои се значајни не само за Тетово, туку и за целиот Полошки регион. Овој нов сегмент од булеварот е резултат на ангажираноста на сите локални структури,“ рече премиерот.

Во контекст на тековните инвестиции, Мицкоски нагласи дека се пријавени 416 проекти од 56 општини, преку Министерството за локална самоуправа во рамки на вториот инвестициски повик за финансирање на општините.

„Владата инвестира неселективно. Средствата се распределуваат врз основа на приоритети и проекти, а не според тоа кој е на власт во локалната самоуправа. За нас, сите општини се еднакво важни, без оглед дали градоначалникот е од владејачката коалиција, опозицијата или независен,“ истакна Мицкоски.

Инвестиции од 21 милијарда денари за локалниот развој

Според премиерот, досега преку двата повика се распределени вкупно 21 милијарда денари – 6 милијарди преку првиот и дополнителни 15 милијарди во новиот циклус. Средствата се наменети за поддршка на инфраструктурата и локалниот развој за Тетово

  • „Овие инвестиции се директно поврзани со реалните потреби на граѓаните. Тоа што го гледаме тука денес – нови улици, реконструкции, поврзување на населби – се резултат на нов пристап, каде државата е партнер, а не судија,“ посочи тој.

Покрај новоизградениот дел од булеварот, Мицкоски ги најави и другите проекти што наскоро ќе се реализираат во Полошкиот регион.

„Ќе следува реконструкција на гимназијата ‘Кирил Пејчиновиќ’, проект со вредност од околу 50 милиони денари, донација преку корпоративна одговорност на приватна фирма. Исто така, е формирана работна група со Косово за поврзување на Тетово и Призрен преку нов патен правец,“ рече премиерот.

Градењето е државен приоритет

„Најважно е да се гради. Да се гради Македонија. Тоа е наш приоритет и задача. Оваа Влада, за разлика од порано, кога се гледаше како инструмент за лични интереси, сега работи за граѓаните. Секоја инвестиција значи подобар живот за луѓето,“ истакна Мицкоски.

На крајот од обраќањето, тој се заблагодари на сите кои придонесоа за реализацијата на проектите:

  • „Им упатувам благодарност на градоначалникот, советниците, администрацијата и пратениците од Полошко кои се залагаат овие проекти да станат реалност. Граѓаните на Тетово и регионот наскоро ќе имаат конкретна корист од сите иницијативи,“ заклучи премиерот.