Утре на владината седница ќе се разгледува предлог-буџетот за 2025 година, со значителен фокус на капитални инвестиции кои се очекува да надминат 715 милиони евра, дознава ТВ 24. Буџетот е дел од пошироката фискална стратегија и ги вклучува проекциите за буџетскиот дефицит и бруто-домашниот производ (БДП).

Предлог-буџетот за 2025:  Развоен буџет за проекти со долгорочни придобивки

Од Министерството за финансии велат дека ова е развоен буџет наменет за проекти кои ќе овозможат долгорочни придобивки за граѓаните. Средствата од државната каса ќе бидат наменети за иницијативи кои ќе го подобрат животниот стандард, а дел од капиталните инвестиции ќе биде посветен на изградбата и развојот на Коридорите 8 и 10д. Иако реализацијата на овие проекти ќе трае подолго од првично планираните четири години, од Министерството уверуваат дека тие ќе обезбедат значаен развој во инфраструктурата на земјата.

Раст на платите и поврзување на минималната плата со продуктивноста

Во предложениот буџет е предвидено и зголемување на платите во секторите на образование и здравство, со цел да се подобри условите за вработените во овие витални области. Понатаму, минималната плата ќе биде поврзана со продуктивноста, што ќе овозможи нејзино прилагодување во зависност од екоомските услови и перформансите.

Јавниот долг на стабилно ниво

Проекциите за јавниот долг покажуваат дека на крајот на 2025 година тој ќе остане на нивото од 64% од БДП, со што ќе се задржи финансиската стабилност на земјата согласно фискалната стратегија.