Новите мерки би важеле од 12 до 18 мај, а се донесени на предлог на Комисијата за заразни болести врз основа на епидемиолошката состојба, намалувањето на бројот на хоспитализирани и бројот на заразени лица.
Според новите мерки што се предлагаат, полицискиот час ќе трае од 24:00 часот до 05:00 часот и се дозволува користење на годишен одмор за здравствените работници. Ивентите и настаните ќе се одржуваат согласно наменските протоколи, со исполнетост до 30 проценти од капацитетот на затворениот простор, а се зголемува и бројот на деца кои може да се згрижат во една група во градинките, односно од 15 на 20 деца.
Вчера министерот Венко Филипче истакна дека се уште е рано за да се даде општа препорака за маските да не се носат на отворено. Тој во одговор на новинарско прашање, рече дека за се разговарало вчера, но, оти заклучокот е дека треба да се причека уште недела или две за една ваква мерка.
– Следниот чекор би бил, но, сè уште е рано да кажеме кога би било тоа, да се носат маските како претходно, односно само во група надвор. Засега е рано. Тоа ќе биде следно за што ќе разговаравме. Утрово инициравме дискусија и заклучокот е дека треба да почекаме уште недела или две, рече Филипче.
Според него, засега е рано и да се организираат свадби и концерти.
– Сè уште не се дозволени концертите и свадбите бидејќи стравуваме дека во овие случаи може да се намали дистанцата меѓу луѓето кои се присутни и затоа одиме постепено. Ако продолжат трендовите, ќе бидат дозволени и концертите, нагласи Филипче.
Новите предлози за олабавување на рестриктивните мерки, како што изјави, се поради трендот на намалување на бројот на новозазарени и значителното празнење на болничките капацитети.
Една од мерките кои се очекува да ги донесе денеска Владата е зголемување на бројот на децата во групите во градинките.