„Меморијален музеј на Смилевскиот конгрес“ – Смилево, „Музички театар“ во Македонија – Тетово и „Камерен оркестар на Битола“ – Битола се новите три национални установи во областа на културата.

Владата, на предлог на Министерството за култура денеска разгледа и усвои информации за потребата од основање на три национални установи од областа на културата, за коишто Министерството за култура е задолжено до Владата да достави одлуки за основање.

Станува збор за нова национална установа „Меморијален музеј на Смилевскиот конгрес“ – Смилево.

Овој Меморијален музеј денес функционира како депанданс на Завод и музеј – Битола, иако е оддалечен повеќе од триесет километри од матичната институција, а е од важност поради тоа што во него, преку текстуални документи и фотографии е претставено значењето на Смилевскиот конгрес од 1903-та година.

Се основа и нова национална установа „Музички театар“ во Македонија – Тетово.

Основна дејност на оваа установа ќе биде изведба, промоција и афирмација на албанската класична, џез, вокална и вокално-инструментална музика, а програмските определби ќе имаат рамноправен пристап кон сите граѓани.

Се основа и нова национална установа „Камерен оркестар на Битола“ – Битола, што се очекува значително да ја зголеми културната понуда на целиот Пелагониски плански регион, опфаќајќи ги градовите Битола, Прилеп, Демир Хисар, Крушево и Ресен.