Настапите на Ковачевски се само форма без содржина. Се му е во стилот „јас не сум од овде“ или „купи ден помини“, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение. Од „Белата палата“ порачуваат дека премиерот треба да знае дека „владата на ДУИ и СДС со измените на Кривичниот законик направи директен упад во правниот систем и правната држава и тој е лично одговорен за тоа што сегашни судски процеси застаруваат“.

-Правдањето со некакво усогласување со европско законодавство беше демантирано до страна на европските претставници и истото ќе го чуеше Ковачевски неколку минути после тоа, ако не побегнеше од прес конференцијата која сам ја најави. Тој е лично одговорен за тоа што се воспоставува култура за неказнивост. Доколку пак мисли дека со измените на Кривичниот законик ќе се спасат актуелните функционери од кривично гонење за сторениот криминал, многу се лаже. А, уште повеќе се лаже ако мисли дека ќе се вади на тоа дека во влада никој не го есапи и одлуки се носеле во негово отсуство, истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ преку партиско соопштение.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска не го коментираше застарувањето на случајот „Таргет-тврдина“, што произлезе од измените на Кривичниот законик донесени неодамна. Ковачевски вели дека тие биле предложени и донесени поради усогласување, а не заради одредени повеќегодишни судски случаи.

-Јас никогаш досега не сум коментирал судски постапки. Тоа што е карактеристично e што се работи за случај од она што е достапно јавно, којшто се започнат уште во 2015 година, којшто е во второстепена постапка веќе три години, меѓутоа во текот на тие осум години не бил завршен како случај. Така што, сите одговори за ефикасноста во однос на решавањето на случајот и во однос на текот јас не би можел да ги дадам, тоа може да го дадат единствено оние коишто работеле на истиот, така што тоа е одговорот којшто можам да ви го дадам, рече Ковачевски.