Прво, таа не е ниту компетентна ниту квалитетна да одлучува за избор и разрешување на судии, од проста причина што нема ниту ден стаж како судија, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
– Второ, таа е докажан партиски кадар на СДСМ кој голем дел од кариерата бил шеф на кабинет на Бучковски, функционер во владите на партијата на власт. Трето, се поврзува со скандалозното пропаѓање на Еуростандард Банка, афера тешка стотици милиони евра во која оштетени се илјадници семејства. Имено нејзиниот сопруг, исто како и Заеви, зел кредит без соодветно покритие од Еуростандард банка, зел 1.6 милиони евра кои не ги вратил. Токму ваквите кредити ја пропаднаа банката и ги оставија илјадници семејства без своите заштеди и пари, посочуваат од партијата.
– Сето ова покажува дека Павлина Црвенковска е типичен пулен на Зоран Заев кој по многу работи е идентичен како и менторот. Со Павлина Црвенковска нема да има реформи во судството, туку по се изгледа продолжена маша на Заев и затоа потребно е веднаш да си поднесе оставка, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.