Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека синот на лидерот на ДУИ заедно со неговите братучеди планирале да изградат фотоволтаична централа на сметка на позицијата и моќта на презимето Ахмети. Драган Ковачки, повикувајќи се на документи добиени од свиркачи, тврди дека Шкумбин Ахмети заедно со неговите братучеди Дрин и Бесијан ја лажеле банката или имаат договор со премиерот.

За овие обвинувања, но и за Соравија, без да навлегува во многу детали, денеска зборуваше и самиот Али Ахмети, кој рече дека никој нема да може да ја избегне правдата.

„Се разбира, ниту Дрин не може да ја избегне истрагата и разоткривањето на вистината. И за ова нема да има никаква пречка, амнестија или засолниште од мене или ДУИ. Сè што ги интересира државните органи може слободно да се истражува и разјасни“, вели Али Ахмети.

Што се однесува до обвинувањата дека Фондот за иновации и технолошки развој ги фаворизирал компаниите на чело со внукот на Ахмети, Дрин Ахмети, од Фондот демантираат такво нешто, велејќи дека сите пријавени компании поминуваат процес на претселекција спроведена од три домашни стручни лица од 22 области на експертиза.

„Проектите се оценуваат согласно дефинираните критериуми: степен на иновативност, квалитет на подготвен проект, потенцијал на пазарот, капацитет на апликантот и влијание на проектот. Сите проекти кои ќе добијат просечена оцена од минумум 51 поен продолжуваат во следна фаза. Финалната селекција ја прави Комитетот за одобрување на инвестиции, составен од 5 светски експерти“, велат од ФИТР.

Од Фондот додаваат дека Дрин Ахмети има поднесено предлог проекти под други инструменти за поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој, но истите биле одбиени од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции.