Ова, појаснуваат, значи плаќање на дополнителен процент данок на буквално секоја финансиска трансакција.

– Тоа значи дека кога секој граѓанин ќе купува нешто или ќе плаќа сметка, ќе плаќа дополнителна сума, процент од сметката на Владата. На овој начин Владата на Заев става рака во џебовите на сите граѓани во државата и влијае на нивно дополнително осиромашување, покрај вртоглавиот раст на цените на прехрамбените производи, горивата, како и најавата за ново поскапување на електричната енергија, тврдат од ВМРО ДПМНЕ.

Дека има ваква иницијатива, посочуваат од опозицијата, потврди и вицепремиерот Битиќи кој рече дека не е исклучена ваквата можност, како и дека и претходно сме имале кризен данок во 2001 година, таканаречен Воен данок, поради високиот дефицит во буџетот.

– Претходно Владата преку научна конференција на Министерството за финансии и МАНУ, пушти пробен балон во јавноста за зголемување на даноците. Академикот Фити, татко на советничката на премиерот Нина Фити и член на ЦО на СДСМ, советуваше Владата да ги зголеми даноците и тоа прогресија на персоналниот данок, на данокот на имот и воведување на нов еколошки данок, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму сметаат дека наскоро Македонија од земја со најниски давачки, ќе стане земја со највисоки давачки во регионот, што ќе се одрази на конкурентноста на економијата.

– Истовремено, остануваме земја со највисока стапка на сива економија од над 37% – бидејќи има бели мечки за кои законите не важат.Во меѓувреме, Македонија од крајот на 2019 досега, односно за година и пол го зголеми јавниот долг за неверојатни 1,63 милијарди евра. Секоја година Владата почна да издава еврообврзници од по 700 милиони евра, за кои плаќаме десетици милиони евра годишно само по основ на камата. Министерот за финансии најави дека ќе го проширува буџетскиот дефицит, односно дека првично планираниот минус во државната каса од 570 милиони евра, ќе стане уште поголем. Најверојатно ќе издадат и нова еврообврзница за да се покрие ова проширување на минусот. Во меѓувреме, Владата на Заев пазари нови лимузини за своите министри и функционери, компјутери, се луксузира додека стопанството и граѓаните се на колена, потенцираат од ВМРО ДПМНЕ.