МВР предупредува на нова интернет-измама со лажни сообраќајни казни
Секторот за компјутерски криминал при Бирото за јавна безбедност во рамки на МВР ја информира јавноста дека изминативе денови е забележана зачестена појава на измамнички пораки испратени до македонски корисници.
Лажна веб-страница бара податоци од платежна картичка
Според информациите од МВР, непознати лица преку странски телефонски број +639606963624 испраќаат пораки за наводно регистриран сообраќаен прекршок. Во пораките се бара наплата со платежна картичка преку лажната веб-страница „http://mvr.govmk.cam/mk“.
Од МВР посочуваат дека по кликнување на линкот, корисниците се пренасочуваат кон лажна страница која наликува на веб-страница на Министерството. Таму се бара внесување регистарска табличка, по што се појавува прозорец со наводно регистриран прекршок и барање за уплата од 1.500 денари.

Апел до граѓаните да не отвораат сомнителни линкови
„Апелираме до граѓаните да бидат претпазливи и да не веруваат на пораки кои доаѓаат од нелегитимен веб сајт на Министерството, ниту да оставаат свои лични податоци и податоци од својата платежна картичка, кои потоа претставуваат цел на злоупотреба“, порачаа од МВР.
Секторот за компјутерски криминал апелира до граѓаните и правните субјекти да не отвораат сомнителни линкови и прикачени документи во пораки што не доаѓаат од верификувани и познати испраќачи, со цел да не станат жртви на измами од ваков тип.
