По информациите дека внукот на лидерот на ДУИ ќе стане косопственик на бизнис центарот Соравиа во Скопје, компаниите кое се дел од оваа зделка денеска одржаа конференција за медиумите на која се дозна соодносот на акциите на новите сопственици – 59 % Пе-вла-ку, градежната компанија од Албанија, 39 отсто  Тор индустрис, компанија на Дрин Ахмети и 10 % останува на Соравиа.

Дрин Ахмети денеска изјави дека тие 39 отсто од уделот во деловниот објект во центарот на Скопје ги добил како дел од финансиската конструкција и претприемачкиот дух.

„Јас ќе го водам деловниот објект Соравиа и затоа добивам 39 отсто. Кредитот кој го подигнавме во висина од 6 милиони евра од албанската банка Крединс банк за да ја купиме Соравија е на име на господинот Пјетерџокај. Го презедовме долгот од 20 милиони евра на Соравиа. Тој таму е акционер и има добра репутација, затоа банката лесно му го одобри задолжувањето. Ова е бизнис и секој бизнис е ризик, затоа ако не одат работите како што треба, ние деловната зграда ќе ја ставиме на продажба“, рече Дрин Ахмети.

На конференцијата за медиумите Пјетерџокај од Албанија рече дека неговата компанија Пе-вла-ку досега неколку пати учествувала на државни тендери во Македонија, но никогаш не го добиле бизнисот, иако го имале и внукот на Али Ахмети како поддршка. Пјетерџокај кажа дека со Хано Соравиа ќе ја продолжат соработката и во Валона во Албанија на други бизниси.

За чичко му Али Ахмети, Дрин Ахмети рече дека тој нема ништо со неговиот бизнис.

„Али Ахмети ми е чичко и Бог да го благослови. Тој ми е мотивација. Ахмети ѝ помогна на оваа држава. Немаше да ја имаме Македонија денес ако го следевме Љубчо Георгиевски кој ќе ја поделеше државата. Али Ахмети не го потпиша тоа и вие не го цените доволно. Горд сум што го имам за вујко, но тој нема ништо со мојот бизнис. Нула. Ова што го прават медиумите сега, прави штета на мојата мрежа на соработници“, рече Ахмети.

Внукот на Ахмети се школувал во САД, има 25 години, и живеел и во странство и во Македонија. Тој е сопственик на неколку компании и во неговите копмании, како што вели,м „85 проценти од вработените се етнички Македонци со кои комуницира на англиски“.