Италијанските синдикати закажаа национален штрајк во железничкиот, автобускиот и воздушниот транспорт за 20 и 21 ноември, а потоа ќе следат уште прекини на работата и локални протести.
Општиот штрајк, свикан од Италијанската општа конфедерација на трудот (CGIL), ќе ги опфати сите транспортни сектори, и јавни и приватни, во текот на целиот ден на 20 ноември, објави денес агенцијата ADNkronos.
Во исто време, почнувајќи од следната недела, неколку закажани протести и локални штрајкови се закануваат да го загрозат функционирањето на транспортот, што ќе создаде тешкотии за жителите на неколку италијански градови.
