Израелската полиција денеска уби Палестинец кој претходно со нож нападна полицаец на југот на земјата, во крајбрежниот град Ашкелон.
Според полициското соопштение, полицаецот го забележал сомнителниот маж и при проверка на неговиот идентитет бил нападнат со нож, но брзо успеал да одговори на нападот, пукал во напаѓачот и го усмртил.
Израелската полиција, исто така, соопшти дека напаѓачот живеел во палестинскиот град Хеброн, на Западниот Брег.
Полицаецот се здобил со полесни повреди и бил пренесен во локална болница.
Припадниците на израелските безбедносни сили во неделата убија Палестинка која со нож нападна граничен полицаец во центарот на Хеброн, честа сцена на конфликт меѓу двете нации, во која околу 1.000 еврејски доселеници живеат под силна воена заштита меѓу 200.000 Палестинци. .
Истиот ден беше убиена уште една Палестинка, вдовица и мајка на шест деца, што предизвикала сомнеж додека се приближувала до израелските војници во близина на Витлеем, на окупираниот Западен Брег. Таа не била вооружена, а војската соопшти дека не ги послушала повиците да застане и предупредувачките истрели.