Независниот синдикат на Управата за водење матични книги при Конфедерацијата на синдикални организации во среда ќе протестира пред Министерството за финансии откако помина рокот во кој очекуваше одговор дали ќе има финансиски средства за реализација на нивните барања.

Синдикатот му даде рок на Министерството за финансии да одговори дали има пари за исполнување на барањата, кои претходно беа усогласени со Министерството за правда, а се однесуваат на отпремнини, исплата на К-15 во висина од 60 проценти од просечната плата.

– Ние подолг период бараме да имаме средба, но немаме и ќе протестираме. Ако немаме средба, ќе ги радикализираме чекорите. Апелирам да смогнат сили и да седнеме на заедничка маса да најдеме решение за овој проблем што го имаат вработените, изјави денеска Марјан Ристески од Конфедерацијата на синдикални организации.

Ристески обвини дека нема социјален дијалог во државата и дека не може да се преговара само со одделни синдикати.

– Нема дијалог. Јавно прашувам дали Владата е на сите граѓани во државата или почна да ги бира синдикатите – овие се подобни, овие не. Бараме јавно да се произнесе дали има намера да го продолжи социјалниот дијалог со независните синдикати, рече Ристески.

Според Ристески, барањето на Сојузот на синдикати за зголемување на платите за 2.806 денари нема да го реши проблемот имајќи го предвид порастот на инфлацијата.

Штрајкот на вработените во Управата за матични книги трае повеќе од еден месец, а документи се издаваат само во итни случаи.