Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои се пријавиле преку веб платформата vakcinacija.mk е 376.987 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 7.445 граѓани, а вкупниот број на вакцинирани граѓани во текот на вчерашниот ден е 9.721, информира Министерството за здравство.
– Во државата вкупно се аплицирани 207.219 дози вакцини, а ревакцинирани се 31.599 граѓани. Со последните бројки, 40 проценти од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина и 33 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, соопшти Министерството.
Како што информира Министерството за здравство, вакцинацијата против коронавирусот се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортсите сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и Охрид.
Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk, како најлесен и најбрз пат до вакцинација.