Во рамки на обележувањето на 35 години од независностa на Македонија, вечерва на Градскиот плоштад во Скопје се одржува концерт на еден од најголемите светски тенори на сите времиња, Хозе Карерас.

На големиот музички настан Карерас ќе настапи заедно со Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Ана Дурловски, Игор Дурловски, Наум Петрески и Сузана Спасовска, во придружба на Македонската филхармонија.

Настанот се одржува на Плоштад Македонија и е бесплатен и отворен за сите граѓани, како дел од програмата за одбележување 35 години независност на Македонија.

Концертот е поделен во два музички сегменти: во првиот дел, публиката ќе има можност да проследи специјално осмислен концерт со македонските музички ѕвезди и повеќе од 60 врвни музичари од Македонската филхармонија, под диригентската палка на Сашо Татарчевски, со нови оркестрации и аранжмани подготвени специјално за оваа вечер од маестро Николче Мицевски.

Вториот дел од вечерта му припаѓа на Хозе Карерас и неговиот безвременски светски репертоар, заедно со Македонската филхармонија и предводено од неговиот долгогодишен диригент.