По повод годишнината од настаните во Собранието на Македонија на 27 април 2017 година, македонски организации од Европа, Канада, САД и Австралија денеска во 11 часот организираат мирен семакедонски народен протест под слоганот „Демократија во Македонија и слобода за уставобранителите!“. Протестот ќе почне пред Владата, е ќе заврши пред Собранието.
Повеќе опозициски партии, меѓу кои и ВМРО-ДПМНЕ, TMРО, Единствена Македонија, Интегра, Подем… го поддржаа протестот. Од протестот до претседателот на Македонија, до Собранието, Владата, до верските заедници во Македонија, до ОН, Советот на Европа, ЕУ, НАТО и ОБСЕ ќе биде испратена Декларација за слобода на уставобранителите.
„Правдата не смее да биде слепа. И еден ден во затвор на неправедно осуден е тежок како година. Македонија не смее да ги заборави своите синови. Слобода за уставобранителите и поддршка на општонародниот протест“, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на својот фејсбук-профил.
Организаторите на Семакедонскиот протест апелираат до сите учесници да се придржуваат на протоколите за време на пандемија, носење маски и на пропишана дистанца, како и на почитување на неповредливоста на имотите и неприкосновеноста на животите. Организаторите се оградуваат од навредливи скандирања и транспаренти на етничка и верска основа.
За влезот во Собранието во 2017 година, судечкиот совет предводен од судијката Добрила Кацарска пресуди вкупно 211 години затвор за обвинетите во овој случај. Апелација подоцна ги намали казните, но за само една и две години. Единствен ослободен од вината беше Игор Дурловски, со чија изведба на македонската химна денеска ќе почне овој протест.