Експертскиот тим продолжува со испитувањата на водата од гостиварскиот водовод, откако анализите од земените примероци покажале отстапувања во квалитетот. На прес-конференција на Кризниот штаб во Гостивар, Емилија Јанеска од лабораториско-експертскиот тим на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје ги објасни резултатите од досегашните испитувања и мерките што се преземаат за стабилизирање на состојбата.
Јанеска информираше дека пред два дена биле земени вкупно девет примероци вода. Од нив, три примероци биле земени директно од каптажите, со цел да се утврди квалитетот на водата на изворот.
Останатите шест примероци биле земени од повеќе локации низ Општина Гостивар, а резултатите покажале хемиска неисправност, односно отстапување во однос на резидуалниот хлор.
– Во поглед на микробиолошка неисправност, забележано е отстапување кај сите примероци, што се должи на недоволниот процес на дезинфекција, рече Јанеска.
По направените консултации со колегите од Секторот за експлоатација и одржување при ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, во текот на денот биле преземени конкретни активности за надминување на проблемот.
Јанеска посочи дека кај каптажата бил заменет типот на хлоринаторот, а започнато е и хлорирање со повисока доза на хлор, согласно Правилникот за безбедност на вода за пиење кој предвидува мерки во вакви кризни ситуации.
– Оваа концентрација е малку повисока од вообичаената, но е потполно безбедна, рече Јанеска.
Таа додаде дека како претставник на акредитирана лабораторија, тимот ќе продолжи и во наредните денови континуирано да зема примероци од истите локации, со цел да се следат резултатите и да се добие целосен увид во состојбата.
– Сè додека не констатираме дека водата е целосно исправна за пиење, ќе продолжиме со овој процес. Во оној момент кога водата ќе биде санитарно и безбедносно исправна за пиење, веднаш ќе биде известен Кризниот штаб, рече Јанеска.
