Полската влада и другите членки на НАТО интензивно анализираат сценарија за можен ограничен напад врз една од балтичките држави, не со цел да ја провоцираат Русија, туку со намера навремено да се подготват за таков развој на настаните. Овие проценки следуваат откако Ен Аплбаум, сопруга на полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски, изјави дека европските политичари разговараат за можна војна со Русија, по што проруските кругови ја обвинија за поттикнување конфликт.
Во центарот на овие дискусии е прашањето како да се реагира доколку Русија започне напад од ограничен обем. Разузнавачките проценки сугерираат дека Москва во моментов нема капацитет за целосна војна против НАТО, но Алијансата би можела да се соочи со вооружена провокација, како што е руско преземање на помала позиција во Литванија, Латвија или во Естонија.
Во таква ситуација, Полска има две основни опции. Првата е да се ограничи на хуманитарна помош, а втората е да се ангажира воено. И испраќањето војници нуди две опции: да се дејствува само по официјална одлука на НАТО или веднаш да се испрати војска, без да се чекаат сојузниците. Потегот од втората опција би создал притисок врз остатокот од Алијансата да го активира Член 5, со што би се испратила јасна порака до Русија дека ако не се повлече, ќе се соочи со војна против целиот НАТО сојуз, за што Москва не е подготвена.
Недостигот на реакција, одложениот одговор или испраќањето војници само откако самите балтички сили ќе го одбијат нападот би значело вистински крај на НАТО, предупредуваат извори во полската влада.
Во тој случај, Полска би останала сама ако се најде како цел на слична провокација. Затоа, потенцијалната интервенција не е насочена само кон помагање на нападнатата земја, туку првенствено кон спречување на руски обид да ја распадне Алијансата.
Висок владин претставник потврди дека Полска, во случај на руска провокација, веднаш би испратила вооружени сили за да ѝ помогне на нападнатата балтичка држава. Варшава во такво сценарио не би чекала формално активирање на Член 5 од Северноатлантскиот договор, туку би дејствувала без одложување и би испратила војници на терен.
Друг владин извор истакна дека воените капацитети на земјата се ограничени и дека помошта за балтичките држави мора да се обезбеди на начин што нема да ги ослаби сопствените одбранбени капацитети. Поради оваа причина, Полска веројатно би испратила специјални сили, наместо потешко вооружени единици со оклопни возила, при што двата соговорника се согласни дека земјата дефинитивно би се ангажирала воено.
