Американскиот милијардер Илон Маск призна дека неговата компанија „СпејсИкс“ направила грешка кога ѝ обезбедила на Украина илјадници бесплатни терминали за сателитската мрежа „Старлинк“ и интернет услуги во вредност од повеќе милиони долари месечно. Ваквиот став доаѓа во период кога Русија на бојното поле започна активно да го користи сопствениот сателитски систем со назив „Расвет“.

Реакцијата на Маск уследи по низата критики поврзани со наметнатите оперативни ограничувања за користење на сателитскиот интернет од страна на украинските вооружени сили, меѓу кои беа и забелешките упатени од украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Гледајќи наназад, „СпејсИкс“ направи грешка со испраќањето илјадници бесплатни терминали за „Старлинк“ и обезбедувањето бесплатна услуга во вредност од милиони долари месечно“, напиша Маск.

Тој понатаму образложи дека првичната хуманитарна цел целосно ја сменила својата природа на теренот при воените дејствија во Украина.

„Она што започна како пристап до интернет за цивили, стана основа за автономни дронови-убијци“, напиша Маск.

Милијардерот притоа додаде дека оние што го користат системот за борбени намени преку медиумите упатуваат исмевања секогаш кога ќе се направат обиди да им се ограничат операциите.

Во исто време, украинското воено разузнавање соопшти дека руската армија започнала да го употребува сопствениот систем „Расвет“ со цел драстично да ја подобри прецизноста на јуришните беспилотни летала и истовремено да обезбеди сигурна заштита од електронско попречување.

„Русија го користи сателитскиот систем „Расвет“ над територијата на Украина за воени цели“, изјави Јусов.

Според податоците на официјалните разузнавачки служби на Киев, Москва во текот на годината лансирала 32 сателита од оваа мрежа преку две мисии во март и јули, а најавени се дополнителни лансирања до крајот на 2026 година. Иако руската мрежа засега брои значително помал капацитет во споредба со американската инфраструктура од над 10.000 сателити, специјализираната воена верзија „Старшилд“ засега останува оперативна исклучиво на територијата на Украина, но не и во Русија.