Американскиот претседател Доналд Трамп во говорот на Генералното собрание на Обединетите нации најави дека, според него, светот влегува во нова ера на вештачката интелигенција, која во иднина треба да се нарекува „супер-интелигенција“. Во обраќањето тој зборуваше и за војните во Украина и Иран, при што порача дека конфликтот во Украина ќе заврши наскоро, а за Иран наведе дека војната ќе запре по ноемвриските конгресни избори во САД.

Трамп, кој говореше како втор говорник по бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, оцени дека развојот на вештачката интелигенција ќе донесе период на благосостојба и оти САД имаат голема предност пред Кина во оваа област. Тој најави дека Вашингтон ќе продолжи да ја зголемува таа предност и остро се спротивстави на повиците за ограничување на развојот на технологијата.

„Во сите законски документи и регулации од денеска вештачката интелигенција ќе биде позната под името супер-интелигенција. Јас нема да дозволам да се попречува развојот на нешто што ќе биде поголемо од индустриската револуција, поголемо од интернетот. Напротив, ќе го поттикнеме развојот на супер-интелигенцијата“, изјави Трамп.

За критиките дека вештачката интелигенција може да биде опасна, американскиот претседател рече дека тие доаѓаат од истите кругови кои, според него, се спротивставуваат на развојот на енергетиката под изговор дека станува збор за климатските промени.

„Истите што викаат дека ќе не убие вештачката интелигенција, дека ќе не ловат роботите, претходно велеа дека ќе не убие глобалното затоплување, ме обвинуваа за соработка со Русија, се залагаат за отворени граници. Тој што ќе победи во развојот на супер-интелигенцијата, тој е победникот“, рече Трамп.

Говорејќи за Иран, Трамп го обвини Техеран дека одбивал договор за укинување на нуклеарната програма и дека го прекршил договорот за прекин на огнот, преку кој требало да се нормализира текот на нафтата низ Ормудскиот теснец. Тој ја бранеше својата одлука за започнување на конфликтот со Иран со тврдењето дека земјата поддржувала тероризам ширум светот и дека би станала уште поопасна доколку се стекне со нуклеарно оружје.

„Замислете само ако овој одвратен режим почне да врши големи терористички напади скриен зад нуклеарен штит. Тоа беше реалноста со која моравме да се соочиме, а која многумина сакаа да ја игнорираат. Јас сум решен дека Иран никогаш нема да има нуклеарно оружје. Ги повикувам сите држави да ни се приклучат, да спроведеме економска изолација на Иран додека не ги запрат нивните напади врз трговските бродови, се откажат од своите нуклеарни амбиции и ја запрат поддршката на тероризмот“, изјави Трамп.

За време на неговото излагање, иранската делегација ја напушти салата на Обединетите нации кога тој почна да зборува за Иран.

Најмногу внимание во делот за меѓународните конфликти привлече неговата порака за Украина. Трамп рече дека работи со лидерите на Русија и Украина и изрази уверување дека војната ќе заврши побрзо отколку што се очекува.

„Војната во Украина ќе заврши многу поскоро отколку што мислиме. Работам многу тесно со лидерите на Русија и на Украина, и ќе го решиме тој проблем“, истакна Трамп, додавајќи дека веќе не може да поднесе да ги гледа фотографиите од бојното поле и од жртвите на двете страни.

Трамп во обраќањето зборуваше и за безбедноста на Европа, при што позитивно го оцени ангажманот на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Според Трамп, Руте успеал да обезбеди зголемување на буџетите за одбрана на земјите членки на НАТО од два на пет проценти од бруто домашниот производ.

„Тоа значи дека сега ќе добијат повеќе заштита“, додаде Трамп.