Воведување лична одговорност за сообраќајни прекршоци
Се воведува нов модел според кој возачите на јавните претпријатија во Скопје ќе ја преземаат финансиската одговорност за направените сообраќајни прекршоци.
Возачите на автобусите на ЈСП и на возилата на останатите јавни претпријатија во Скопје отсега самите ќе го сносат трошокот за сообраќајните прекршоци, порача градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Тој појасни дека доколку возач помине на црвено или надмине брзина, казната нема да оди на сметка на претпријатието.
Се воведуваат нови системи за контрола и следење
За да се стави крај на нередот и злоупотребите, градот воведува модерни системи за контрола.
„Возилата нема да можат да стартуваат без картичка од возачот, за точно да знаеме кој управува во секој момент. Доколку не може да се утврди возачот, одговорноста ќе ја сноси шефот на возниот парк“, појасни Ѓорѓиевски.
Покрај сообраќајната дисциплина, градот ќе инсталира и специјални мерачи на гориво и ГПС-уреди.
Системот веднаш ќе алармира доколку се забележи потрошувачка поголема за само еден литар, со цел да се спречат долгогодишните злоупотреби и кражби на нафта од тешката механизација и автобусите.
