Шест дена по ред, воздухот во Велес е со високи вредности на ПМ10 честички, поголеми од граничните вредности. Апаратите на Министерството за животна средина на мерното место Тунел измериле вредности од 110,7 мг/м3 до 145,9 мг/м3 меѓу 16 и 21 февруари, со што беше надминат прагот на информирање, кој е 100 мг/м3 два дена последователно.

„Бројките се поразителни. Имаме буџет за животна средина кој се полни само од купување пластични кеси. Од друга страна, имаме користење на фосилни горива и градежна експанзија, кои го загадуваат воздухот. За жал, и по толку години, нема револуционери промени во областа на животната средина“, кажа Стеве Дечев, екологист од Велес.

Според проценките на стручните лица, аерозагадувањето во Велес е најчесто поради греењето и сообраќајот, а индустријата е со најмало влијание. Локалната власт препорача неколку мерки на заштита на граѓаните од високите вредности на ПМ10 честички.

„За загревање на простории да не се користат прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и каков било синтетички материјал, рано наутро и доцна навечер да се избегнува долготрајна изложеност на отворено, да се користи суво огревно дрво, да се користи јавниот превоз, возилата да не се користат без поголема потреба и повеќе лица да се возат со едно возило во исто време“, соопштија од локалната власт.

Од 8 до 11 февруари, четири дена по ред беше надминат прагот на информирање. Според О2 иницијатива, во јануари годинава, воздухот во Велес 24 дена бил загаден повеќе од максимално дозволените вредности со ПМ2,5 честички