Шеснаесет возачи биле приведени на различни локации низ земјава во текот на изминатото деноноќие поради сомнение за „безобѕирно управување со возило“. Од нив, 14 управувале без положен возачки испит, меѓу кои имало и двајца малолетници, додека еден возач бил затекнат со активна забрана за возење, а друг под дејство на алкохол.
Поради управување возило без положен возачки испит, односно без возачка дозвола, полицијата ги привела А.Х. од Штип, Ј.Ф. од Прилеп, 38-годишниот С.М. и 23-годишниот С.В. од Кочани, како и 20-годишниот Ј.К. од Штип.
Меѓу приведените се и 17-годишен малолетник од Долно Количани, Скопско, 27-годишниот Ф.В. од Студеничани, Скопско, како и 36-годишниот Е.Б., 34-годишниот И.С. и 18-годишниот В.В., сите од Скопје.
Од слобода биле лишени и 20-годишниот Д.П. и 68-годишниот Б.Ј. од Велес, 33-годишниот Б.С. од Куманово и 16-годишен малолетник од Новаке, Тетовско.
Во одделен случај бил приведен 29-годишниот В.Ј. од Новаци, кој управувал автомобил и покрај тоа што имал активна забрана за возење.
Полицијата привела и 39-годишен жител на Скудриње, во Општина Маврово и Ростуше, откако бил затекнат како управува возило под дејство на алкохол.
По завршувањето на постапките за целосно расчистување и документирање на случаите, против сите приведени ќе бидат поднесени кривични пријави.
Од полицијата повторно упатија апел до возачите да не седнуваат зад волан без возачка дозвола, со активна забрана за управување или под дејство на алкохол.
