Министерството за внатрешни работи соопшти дека во две одделни акции биле спречени два обиди за криумчарење мигранти, при што се лишени од слобода две лица, против кои ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Првиот случај бил откриен на 21 јули околу 12:25 часот на улицата „Партизански одреди“ во Гевгелија, каде што полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица го привеле С.С. (35) од Струмица.
При контролата било утврдено дека управувал автомобил „ауди А5“ со кавадаречки регистарски таблички, кои припаѓале на друго возило. Во автомобилот биле пронајдени петмина мигранти од Авганистан, како и албански регистарски таблички, сообраќајна дозвола, зелен картон и договор за изнајмување возило од рент-а-кар компанија. За случајот бил известен јавен обвинител, а осомничениот бил задржан во полициска станица.
Вториот случај се случил истиот ден околу 17:50 часот на експресниот пат Градско – Прилеп. Полициски службеници дале знак за запирање на автомобил „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, но возачот не застанал и продолжил со движењето. Кај клучката Крушевица изгубил контрола над возилото и удрил во заштитната ограда, по што избегал заедно со мигрантите.
Набргу потоа, во близина биле пронајдени двајца мигранти од Пакистан со телесни повреди. Тие биле пренесени во болницата во Кавадарци, каде што им била укажана лекарска помош, а потоа биле сместени во Прифатниот центар за странци во Гази Баба.
По преземените мерки, на 22 јули околу 01:00 часот, на експресниот пат Прилеп – Градско, кај клучката Крушевица, полициски службеници извршиле контрола на автомобил „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управуван од А.М. (30) од Скопје. Како сопатник бил затекнат И.Н. (34) од Скопје, со живеалиште во селото Крушопек, кој, поради основано сомнение дека е поврзан со криумчарењето, бил лишен од слобода.
По целосното документирање на двата случаи, против приведените лица ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
