Со скршен колк и отворени рани на истата нога заради шеќер, 55 годишниот Божидар Павловски на почеток од месецов го изгубил и работното место во ЈП Градски паркинг.

Во пајак-службата почнал во април лани со договор на определено време, но два месеца подоцна паѓајќи од точак го скршил колкот и останал на боледување. Вели тогаш боледувањето не било причина да не добие продолжување на договорот, ама на почеток од месецов кога како што вели конечно после долг период застанал на нозе, добил разочарување. Градски паркинг му дал отказ.

„Еве, со боледување не го потпишав договорот“.

– Кој ве извести дека нема да останете на работното место?

„Се јавив на шефот, тој ми кажа дека директорот нема да ни ги потпише договорите„ Не ми кажаа зошто, немам никакво објаснување“, вели Павловски.

Павловски не сака да верува дека неговата инвалидност и долгото боледување влијаеле паркинзи да не му го продолжат договорот.

„Не знам дали е таа причината, ама досега не ми правеле проблем. Кога требаше сега на 6 март да го потпишам договорот, не ми го потпишаа“, додава Павловски.

Првиот човек на Градски паркинг не одговори на прашањето на Сител дали физичкиот хендикеп е причината што Павловски останал без работа.

Крсте Петревски и вчера беше недостапен да објасни зошто велешанката со инвалидитет, Билјана Гаврилова-Станковска, е казнета со 50 евра за користење на паркинг наменет за лица со хендикеп. Контролорите и кажале дека местата можат да ги користат само жители на главниот град, па таа прашува дали кога доаѓаат во Скопје, нивната инвалидност исчезнува?