Вработена во Домот за доенчиња и мали деца во Битола за време на работа во алкохолизирана состојба врзала едно од децата во вреќа за спиење за кревет, а другите ги запоставила, констатирал Народниот правобранител, постапувајќи по предмет по сопствена иницијатива по непосреден увид во установата.
Омбудсманот соопшти дека во разговор со директорот и правникот на ЈУ Дом за доенчиња и мали деца Битола, како и увид во целокупната документација изготвена по повод настанот, наводите се потврдени, констатирано е дека вработената била во алкохолизирана состојба и дека едно од децата било во вреќа за спиење, која била врзана за кревет, со што детето било оневозможено да се движи. Следствено, од страна на раководството на установата превземени се соодветни дејствија и отпочнати се постапки кон вработената, поради таквото постапување.
Според Народниот правобранител, кој како орган посебно води грижа за заштита на правата на децата како ранлива група, со ваквиот однос на вработената се повредени повеќе членови од ратификуваните меѓународни конвенции.
-Имено според член 3 од Конвенцијата за правата на детето, е наведено дека во сите активности кои се однесуваат на децата, од примарно значење се интересите на детето, без оглед на тоа дали ги спроведуваат јавните или приватните институции за социјална заштита, а државите потписнички се обврзуваат на детето да му обезбедат таква заштита и грижа кои се неипходни за неговата благосостојба, а исто така се грижат сите институции, служби и установи кои се грижат за заштита на децата да бидат во согласност со стандардите што ги имаат утврдено надлежните органи, особено во областа на сигурноста и здравјето, бројот и достојноста на персоналот, како истручниот надзор. Понатаму, членот 7 од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, наложува при преземањето на сите акции во однос на децата со попреченост, како примарна грижа да се зема предвид најдобриот интерес на детето, а членот 15 обврзува државите потписнички да преземат ефективни законски, административни, судски или други мерки за да се спречи лицата со попреченост, на еднаква основа со другите, да бидат изложени на тортура или суров, нечовечки или понижувачки третман или казна, појаснуваат од кај Народниот правобранител.
Омбудсманот, се наведува во соопштението, очекува од надлежното Министерство да преземе мерки за најстрого санкционирање на ваквиот однос на вработената, при што укажува дека особено треба да се зајакнат критериумите, но и да се води грижа за начинот на селекција на лицата кои се вработуваат во установи и други форми на згрижување на деца и деца/лица со попреченост и апелира редовно да се контролира и мониторира квалитетот на услугата која ја даваат вработените во јавните установи, вклучително и во Малите групни домови, односот кон децата. Предлага континуирано да се усовршуваат нивните знаења и познавања за работа и грижа за децата, како и да се превенира какво било несоодветно однесување кон децата, кое може да остави негативни последици во нивниот понатамошен раст и развој.