Повторно доцнат платите во ЈСП Скопје кои според законот најдоцна на сметките треба да им легнат на вработените до 15-ти месецов.
Доколку не ги добијат нивните плати, вработените во ЈСП најавуваат блокади на раскрсниците низ главниот град.
-Еден ден доцнат. До 15-ти е законскиот рок. Немаме конкретен одговор која е причината и зошто се уште нема исплата, а знаеме дека повеќе од 1000 вработени возат милиони граѓани во градот. ЈСП Скопје веќе две-три години ги има истите проблеми. Подолго време се трудиме да најдеме решение, но изгледа не може да се најде. Потенцираме што побрзо да се најде решение, рекоа денеска вработени во ЈСП во изјава за медиумите.
Проблемите со платите во ЈСП веќе подолго време ја брануваат јавноста. Најави за протести имаше и во месец февруари годинава. Потоа се префрлија парите на сметките на вработените. Проблеми имаше и во месец јануари, кога граѓаните добија јавен градски превоз по вториот успешен обид за гласање на субвенциите за исплата на плати на вработените во јавното сообраќајно претпријатие.
Од Град Скопје на почетокот на месец септември информираа дека во моментов јавниот градски превоз го опслужуваат сите автобуси на ЈСП како и автобусите на приватните превозници и дека ЈСП немаат никакви заостанати обврски кон приватниците.