Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска учествуваше на дискусијата со граѓани насловена „Новите геополитички случувања и влијанието врз Северна Македонија“, организирана од Институтот за европска политика, пренесе Фокус.

Османи нагласи дека враќањето на проширувањето на агендата на Европската Унија по создадениот геополитички и безбедносен контекст претставува извонреден повик за сите земји кои се стремат за европска интеграција. Во овој контекст, според Османи време е сите политички чинители да се обединат за европската агенда на Северна Македонија, како приоритетна агенда на сите чинители во државава.

„Она што е различно овој пат, на нашиот европски пат, кој воедно е своедна раскрсница за нас, е тоа што кај нас е топката дали ќе успееме во овој геополитички момент, во овој временски теснец да се протнеме низ вратата на ЕУ која води кон забрзана интеграција за државите со докажан проевропски курс. Тоа претпоставува усвојување на уставните измени за да можеме да чекориме напред во нашиот пристапен процес” – рече Османи.

„Доколку не успееме да се качиме на тој воз, ќе ја следиме траекторијата на движење на оние држави од Западен Балкан, кои многу мачно и бавно ќе се движат во поглед на идно членство на ЕУ, бидејќи ќе влеземе во групата на држави од регионот што имаат отворени билатерални прашања кои треба допрва да ги решат пред да продолжат со евроинтеграцијата. А повторното отворање на билатералните прашања со Бугарија, нема да биде поповолно од она што сега е” потсети шефот на дипломатијата.