Врховниот суд го објави образложението за одлуката со која ја укина пресудата на Апелациониот суд за автобуската несреќа кај Ласкарци и го врати предметот на повторно одлучување. Според највисокиот суд, Апелација не дала конкретни одговори на суштинските жалбени наводи, ниту објаснила врз кои докази е утврдена кривичната одговорност на секој од осудените.

„Апелациониот суд Скопје не дал одговор на сите жалбени наводи истакнати од сега осудените во поднесените жалби кои пак како правен лек овозможуваат сеопфатна анализа и контрола на спроведената постапка пред првостепениот суд.“

Врховниот суд констатирал пропусти и во првостепената пресуда, оценувајќи дека во неа преовладувало прераскажување на изведените докази, без доволно објаснување зошто биле донесени конкретните заклучоци.

„Во првостепената пресуда според овој суд преовладува дескриптивниот пристап со извадоци од изведените докази, без притоа да се наведат причините за таквата констатација на судот“.

Според Врховен, Апелациониот суд требало да ги отстрани овие недостатоци при одлучувањето по жалбите. Наместо тоа, биле дадени воопштени одговори за прашања што се од суштинско значење за утврдување на кривично-правната одговорност на осудените.

„Постапувајќи по жалбите, второстепениот суд не дал одговор на таквите недостатоци, туку само дава воопштени одговори и констатации на жалбените наводи и прашања кои се од суштествено значење за утврдување на кривично-правната одговорност на осудените“.

Предметот сега повторно се враќа пред Апелациониот суд Скопје, кој ќе треба одново да ги разгледа жалбите и да даде конкретни одговори на сите спорни прашања.

„Да одлучува во границите на испитување на првостепената пресуда во оној дел во кој се побива во поднесените жалби, односно да направи целосна анализа на сите жалбени наводи, како и да внимава по службена должност во случаите кои се предвидени со закон, на кој начин ќе донесе правилна и законита одлука“.

Со укинатата пресуда на Апелација од 17 април 2025 година, казните на дел од осудените беа зголемени. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, и одговорниот за транспорт Ремзи Мифтари добија по 10 години затвор наместо по шест, додека Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски беа осудени на по седум наместо по пет години.

Возачот Маноил Трифуновски остана со казна од 14 години затвор, а Јане Боваровски со пет години.

Автобуската несреќа кај Ласкарци се случи на 13 февруари 2019 година, кога автобус на „Дурмо турс“ излета од автопатот Скопје–Тетово. Во несреќата загинаа 16 луѓе, а повеќе од 30 беа повредени.