Под строги безбедносни мерки, денеска се очекува Врховниот суд да одржи јавна седница за пресудата за случајот „Диво Насеље“. Предметот се најде пред највисокиот суд откако се поднесоа жалби против пресудата која пред две години ја потврди Апелацискиот суд во Скопје.
Поради обемноста на предметот односно големиот број на осудени лица, предвидено е седницата да трае два дена (денеска и утре).
-За одржување на јавната седница известени се Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и обвинетите и нивните бранители, кои во рокот предвиден за жалба или за одговор на жалба барале да бидат известени за седницата,велат од Врховен.
За настаните од кумановската населба на 9 и 10 мај 2015 со затворски казни осудени се вкупно 33 лица, а ослободителни пресуди добија четири лица.
Судскиот процес се водеше за кривичните дела тероризам и терористичка организација. Првично, во постапката беа опфатени 29 лица, а подоцна случајот се спои со предметот „Молња“ каде имаше уште осум лица кои се гонеа како помагачи на вооружената група.
Првостепената пресуда Основниот кривичен суд ја донесе на 2 ноември 2017, а истата во јули 2019 беше потврдена и од Апелација. 33 лица кои беа прогласени за виновни добија: седум доживотен затвор; 13 осудени по 40 години затвор; шестмина по 20 години; еден 18 години; двајца 14 години; двајца 13 години; двајца 12 години затвор.
Вооружената престрелка во мај 2015 година траеше повеќе од 20 часа. Животот го загубија осум припадници на македонските безбедносни сили, а беа убиени и 10 членови на вооружената група.