Претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама излегоа со предлог за побрза интеграција на нивните земји во Европската Унија. Двајцата лидери предлагаат модел на делумна функционална интеграција како преодно решение до целосно членство.

Според нивниот предлог, земјите од регионот би можеле да добијат пристап до внатрешниот пазар на ЕУ и до Шенген зоната, но без учество во институционалното одлучување на Унијата. Тоа би значело дека државите нема да имаат европски комесари ниту право на вето.

Иницијативата доаѓа во период кога процесот на проширување на Европската Унија кон Западен Балкан со години се соочува со застој. Причина за тоа се нерешените реформи, состојбата со медиумските слободи, како и предизвиците во борбата против корупцијата во земјите од регионот.

Албанскиот премиер Еди Рама посочи дека неговата земја има амбиција да стане членка на Европската Унија до 2030 година. Во меѓувреме, српскиот претседател Александар Вучиќ го бранеше реформскиот напредок што Србија, според него, го постигнала во процесот на европска интеграција.

Двајцата лидери воедно упатија повик до Европската Унија да го препознае Западен Балкан како нова линија на инвестиции и фактор на стабилност во Европа.