Државни делегации од Србија и Кина денеска во Пекинг потпишаа повеќе од 30 договори и меморандуми за разбирање во различни области, во присуство на претседателите Александар Вучиќ и Си Џинпинг.
Договорите опфаќаат инфраструктурни проекти, економска соработка, дигитална економија, зелена енергија, вештачка интелигенција и напредно производство.
По средбата со Вучиќ, кинескиот претседател Си Џинпинг порача дека двете земји треба дополнително да ги координираат развојните стратегии и да го продлабочат партнерството во рамки на иницијативата „Појас и пат“.
Си ги повика Србија и Кина да ги искористат безвизниот режим, договорот за слободна трговија и директните авионски линии за проширување на соработката во културата, образованието, туризмот и спортот.
Кинескиот лидер му го додели на Вучиќ Медалот за пријателство на Народна Република Кина, кој српските медиуми го опишуваат како едно од највисоките кинески државни одликувања.
„Од она што го разговарав со претседателот Си, верувам дека вратата ни е широко отворена за продолжување на соработката и за нови бизниси“, изјави Вучиќ по средбата.
Српскиот претседател претходно се сретна и со кинескиот премиер Ли Ќијанг, со кого разговарал за нови инвестиции, инфраструктурни проекти и геополитички прашања.
Вучиќ оцени дека односите меѓу Србија и Кина се „на највисоко ниво во историјата“, нагласувајќи дека Белград ја смета Кина за „најсигурен пријател“.
Кинеските компании веќе имаат силно економско присуство во Србија, вклучително и во рударството, челичната индустрија, производството на гуми и инфраструктурните проекти.
