Во пресрет на утрешното одбележување на 60-годишнината на Движењето на неврзаните земји во Белград, каде се очекуваат делегации од 105 земји од целиот свет, неколку претеседатели и премиери и 44 министри за надворешни работи со 550 учесници, претседателот на Србија Александар Вучиќ на својот Инстаграм профил, изразувајќи гостопримство напиша и дека е дојдено време за обнова на идејата за политичка независност, јави дописникот на МИА од Белград.
– Дождлив ден во Белград, но ден за гордоста на Србија. Пред 60 години, Неврзаните се собраа во Белград, денес е време да се обноват идеите за политичка независност и заедничко дејствување на слободните земји во светот. Среќен сум што сум на чело на Србија, која можеше и имаше сила да организира таков величествен собир, напиша Вучиќ.
Во бројните билатерални средби кои уште од денеска ги има срспкиот државен врв, како теми се дискутира и за косовското прашање и почитувањето на територијалниот интегритет на Србија, а на средбата со министерот за надворешни работи на Индонезија, Ретно Марсуди, претседателот Вучиќ ја поддржа идејата на претседателот Џоко Видодо, архивата на Движењето на неврзаните од времето на нејзиното основање во 1961 година да биде номинирана на списокот за светско наследство на УНЕСКО, соопштија од кабиннетот на Вучиќ.