Има еден човек на Балканот кој сака да предизвика војна, а тоа Албин Курти, изјави вечерва претседателот на Србија, Александар Вучиќ за дневникот на Радио телевизија на Србија, пренесе Фокус.

-Ние сме на крстопат дали ќе имаме мир или не, не благодарение на нашата намера, туку затоа што има еден човек на Балканот кој сака да предизвикува војна и конфликти, а тоа е Албин Курти“, рече Вучиќ во Дневникот на РТС коментирајќи ги последните настани на Косово по апсењето на косовските полицајци, како и забраната за увоз на српска стока на Косово.

-Се плашам дека го минавме Рубикон и враќањето во реалноста ќе биде тешко, рече Вучиќ, додавајќи дека Србија ќе направи „се за да го обезбеди тоа враќање“.

Вучиќ додаде дека целата криза започнала кога некој донел одлука да оди на локални избори, иако „знаел дека ќе бидат нелегитимни“.

Вучиќ се осврна и на одлуката на Владата на Косово да го забрани увозот на српска стока.

-Не може да забрани увоз на српска стока според прописите што постојат денес. Тоа не смеат да го прават според ЦЕФТА. Сакаат да го изгладнуваат народот на северот на Косово, да го остават без леб, млеко и се друго… Ова ја покажува намерата на Приштина засекогаш да ги протера Србите од Косово, рече Вучиќ.

Вучиќ ги демантираше наводите на косовскиот премиер дека припадниците на косовската полиција биле „киднапирани“, наведувајќи дека тие биле уапсени на територијата на централна Србија.

-За доброто на семејствата, дозволете ми да кажам дека овие луѓе не биле тепани, ниту малтретирани, ниту обезличени, а тоа се случува со Србите кои се уапсени од полицијата на Курти. Што и да мислиме за нив, ги сфаќаме сериозно. Видовте дека нема никакво понижување при апсењето, а ние се грижиме да се однесуваме како цивилизирана земја, рече Вучиќ.

Вучиќ рече и дека косовските специјалци немаат што да пребаруваат во областа Тресава – Батник без одобрение на КФОР, а особено не со долги цевки.

-Имаме докази и снимени разговори, видео и аудио разговори кои покажуваат дека КФОР не бил информиран за ова, рече Вучиќ.

-Гарантирам дека ниту еден војник на војската на Србија и ниту еден полицаец не влегле преку административната линија, рече претседателот на Србија.

Тројца вооружени косовски специјалци денеска беа уапсени на територијата на централна Србија во акција на специјалните единици на српската полиција, соопшти српското МВР.

Косовските полицајци се уапсени денеска во 12:38 часот во административната зона кон Косово, далеку во длабочината на територијата на централна Србија.

-Сите тројца уапсени биле во целосна воена опрема, вооружени со три автоматски пушки, муниција, ГПС уреди, мапи и друга опрема, изјави државниот секретар на Министерството за внатрешни работи на Србија, Жељко Бркиќ.

Бркиќ изјави дека тројца припадници на косовската полиција со иницијали Р.З. Б.С. и М.Ш. со службено возило марка „дачија дастер“ стигнале, како што истакна, на алтернативниот премин Тресава-Батњик, каде го оставиле возилото и продолжиле пеш по патот Орахово – Гњилица, каде биле лоцирани и приведени од српската полиција.

-Местото на апсење се наоѓа во атарот на селото Гњилица во општина Рашка, длабоко повеќе од еден километар на територијата на централна Србија, рече тој.

Од друга страна, косовскиот премиер Албин Курти и косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља тврдат дека се „киднапирани“ припадници на косовската полиција и додаваат дека тоа е наводно „одмазда на Србија“ за вчерашното апсење во северниот дел на Косовска Митровица.

Косовскиот премиер изјави дека косовските полицајци биле „киднапирани“ на 300 метри на територијата на Косово, во Лепосавиќ, на место каде што порано имало „нелегална шверцерска рута“.