Српската премиерка Ана Брнабиќ оцени денеска дека посетата на претседателот Александар Вучиќ на Брисел е важна од повеќе аспекти, економски и политички, вклучително и на продолжување на дијалогот со Приштина, јави дописникот на МИА од Белград.

Брнабиќ на ТВ Пинк ја истакна важноста на договорениот проект за изградба на брзата пруга од Белград до Ниш и понатаму до границата со Македонија.

-Кога ќе ја имаме таа пруга, за која испреговара претседателот Вучиќ во Брисел, нема да биде чудно некој да живее во Ниш и да работи во Белград, што досега беше незамисливо, изјави Брнабиќ.

Таа оцени дека посетите во Брисел никогаш не се особено лесни и додаде дека првпат слушнала од претседателот Вучиќ дека посетата за него била пријатна и убава.

– Ние се подготвувавме за оваа посета исклучително долго време. Целата влада работеше на тоа, работевме многу во областа на владеењето на правото и на брифинг материјалите за навистина на едно место да собереме сè она што го сработивме, кажа Брнабиќ.

Изградбата на брзата пруга од Белград до Ниш и понатаму до границата со Македонија целосно ќе ја промени Србија, изјави синоќа Вучиќ во Брисел.

-Не знам дали разбирате што значи кога добивате 700 милиони евра на подарок, изјави Вучиќ и додаде дека Србија досега добивала пари од ЕУ, но тие „не можеле да се видат“.

-Бев толку среќен, бев возбуден што само мерев километри и размислував за пари, ќе ги вклучиме Светската банка и ИБРД, за да ја направиме побрза, да решиме сè процедурално, кажа Вучиќ, кој додаде дека за тоа „сонуваме 70 години и не верувавме дека тоа ќе се оствари“