Во Основниот суд во Тетово денеска треба да продолжи судскиот процес со завршни зборови на Обвинителството и одбраната на обвинетите кои се товарат за неколку кривична дела поврзани со пожарот во модуларната болница во септември 2021 година кога загинаа 14 луѓе.

Ова е трет обид да има завршни зборови откако рочиштата на 25 април и 10 мај беа одложени. На 25 април тоа беше поради отсуство на еден од обвинетите, Флорим Бесими, а на 10 мај затоа што не беше дојден адвокатот на обвинетиот Артан Етеми.

Судијата Јордан Велковски го закажа почетокот на денешното рочиште во 10 часот.

Доказната постапка во судскиот процес заврши со последните сведоци кои беа сослушани на 6 април.

Поранешните директори, Флорин Бесими и Артан Етеми се товарат за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, а докторот Бобан Вучевски за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. Клиничката болница како правно лице се товари за две кривични дела – „предизвикување општа опасност“ и „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.

Тие на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението, но дека не чувствуваат вина. Судењето започна во декември 2022 година.