Никој нема да Ви го заборави овој извонреден напор што го правите, изјави денеска претседателот и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски при посетата на касарната „Мирче Ацев” во Прилеп и опожарените места во околината на селото Топлица, при што беше информиран за тековните активности што се преземаат при гаснење на пожарите во прилепскиот регион.

– Огромна благодарност уште еднаш до Вас и до Вашите семејства. Никој нема да Ви го заборави овој извонреден напор што го правите. Се надевам дека пожарите нема уште долго да траат и ќе можете полека да се враќате на редовната воена служба и на Вашите семејства, им порача претседателот Пендаровски на припадниците на Армијата.

Како што соопшти Кабинетот на шефот на државата, претседателот Пендаровски беше информиран дека во прилепската касарна се одвива координација со припадниците на Армијата од неколку околни општини, при што беше нагласена нивната одличната соработка со другите институции.

При обиколката на опожарените места во околината на село Топлица, претседателот Пендаровски беше информиран за ангажираните армиски капацитети, како и за обврските на Армијата при локализирањето на пожарите во оваа област.

Во разговор со припадниците на Армијата претседателот Пендаровски ја нагласи нивната професионалност и посветеност.

Во оваа насока, како што истакна претседателот Пендаровски, соодветно ќе биде вреднуван несебичниот ангажман на сите припадници на Армијата во изминатите денови, се додава во соопштението.