Ана Андреева од денеска ќе биде одговорна за комуникациите и односите со јавност во Владата, на позицијата Секретар за комуникации и јавни политики во рамки на Канцеларијата на претседателот на Владата на Македонија.
Андреева ја презема оваа функција од досегашниот Национален координатор за стратегиски комуникации во Владата на Република Македонија, Марјан Забрчанец, кој ги водеше владините комуникации во периодот од август 2017 до денес.
Ана Андреева има долгогодишно професионално искуство на извршни менаџерски позиции во сферата на комуникациите во маркетинг агенциите и во граѓанскиот сектор.
Прес службата на Владата упатува благодарност и признание до Марјан Забрчанец за целокупниот труд и ангажман и за резултатите во создавањето и развојот на актуелниот професионален комуникациски сервис на Владата. Забрчанец во наредниот период ќе биде ангажиран во Владата за менаџирање процеси и проекти посветени на унапредување на регионалната соработка на Македонија.