Властите на централната кинеска провинција Хенан воведуваат задолжително ПЦР-тестирање на 99-те милиони жители на секои 48 часа, како мерка за справување со корнавирусот.
За разлика од останатите земји во светот Кина продолжува да се бори против коронавирусот со својата стратегија „нула ковид“ што подразбира заклучувања, карантини и масовни тестирања при појава на само неколку случаи на заразата.
Политиката што е ефикасна на здравствен план со само неколку илјади починати од Ковид-19, долгорочно силно ја погодува кинеската економија.
Целосното затворање на економскиот центар Шангај од почетокот на април, како и рестрикциите и затворањето на продавниците во Пекинг, веќе резултираа со нарушувања во снабдувањето.
За да избегне слично сценарио провинцијата Хенан се реши на масовни тестирања со надеж за што поскоро детектирање и изолирање на позитивните случаи.
Провинцијата што се наоѓа на околу 400 километри јужно од Пекинг, досега успеваше да го избегне епидемискиот бран, но последните денови бележи десетици нови случаи на позитивни на коронавирусот.
Задолжителните дводневни тестирања во Хенан ќе почнат на крајот на месецов во главниот град Џенгџу, а без негативен тест жителите нема да можат да користат јавен превоз и нема да имаат пристап до јавни места.
Според најновиот биланс објавен на ниво на државата денеска се пријавени 800 нови случаи на заразата и еден смртен случај.
Од појавата на Ковид-19 Кина има пријавено нешто повеќе од 22 илјади заболени и околу пет илјади починати. Иако тоа се релативно мали бројки споредбено со остатокот од светот, Кина нема намера да отстапи од својата стратегија „нула ковид“.