-Оваа недела на 28 март, во 07:55 часот во Скопје пристига првата пратка од 24.000 вакцини на „Астра Зенека“ преку Ковакс системот, објави синоќа на својот фејсбук профил министерот за здравство Венко Филипче.

Како што изминатите денови најави Филипче, во април се очекува да стигнат поголеми количини вакцини и од Кина и Русија..

Во тек е вакцинација против Ковид-19 на здравствените работници. Според податоците објавени на сајтот kovid19vakcinacija.mk , досега вакцина против Ковид-19 примиле 6 940 здравствени работници, а вкупно пријавени граѓани за вакцинација преку сајтот vakcinacija.mk се 111.285.

Според податоците од Институтот за јавно здравје, зголемен е бројот на заразени и хоспитализирани со Ковид-19 во државава. Регистрирани се нови 1.264 случаи со Ковид-19, 29 починати, 722 оздравени пациенти.

Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 123.491, бројката на оздравени пациенти е 103.374, на починати е 3.574, а бројот на активни случаи изнесува 16.543.

Во Скопје се активни се 8362 случаи, во Прилеп 988, во Кавадарци 677, Куманово 664, во Охрид 616, во Велес 573, во Битола 549

Вкупниот број позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во болниците низ земјава е 1448, а слободни се околу 270 кревети. Поради компликации од коронавирусот во Скопје во изминатото деноноќие се хоспитализирани 81 пациент. Слободни се 70 кревети, соопшти Министерството за здравство.

На интерните и хируршките клиники во Скопје имало 46 приеми, во ГОБ „8 Септември“ примени се седум пациенти и 14 нови пациенти се хоспитализирани на Инфективната клиника. Во болницата во Козле примени се четири нови пациенти и пет деца на Клиниката за детски болести.

На инфективните оддели во Скопје се лекуваат вкупно 613 лица. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 79 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 60 пациенти. На  инфективното одделение во Тетово има 35 пациенти, во Велес се лекуваат 67 болни, а во Куманово 116 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид – центарот во Охрид се хоспитализирани 94 пациенти, во Прилеп 119, во ковид – центарот во Гостивар 36, а во Струга 14 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 69 пациенти, во Кочани 21 во Кичево 23, Кавадарци 75, а во Гевгелија 27 лица, позитивни и суспектни на коронавирусот.

Од Министерството за здравство велат дека сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка, а доколку има потреба, одделенијата ќе бидат дополнително проширени.