Општина Чаир започна со конкретни чекори за воспоставување заедничка платформа за превенција и справување со врсничкото насилство во училиштата на нејзината територија. Градоначалникот Изет Меџити информираше дека целта е да се изгради координиран и долгорочен пристап, насочен кон безбедноста и благосостојбата на учениците.
Во заедничката платформа ќе бидат вклучени Општината, училиштата, психолозите и стручните служби, наставниците и родителите. Нивното обединување треба да овозможи усогласено дејствување на сите страни што имаат улога во спречувањето и решавањето на проблемот со врсничкото насилство.
Во рамките на платформата се планирани едукативни активности и директна работа со учениците и нивните родители. Предвидено е и зајакнување на механизмите за превенција, навремено препознавање и справување со случаите на насилство во училиштата.
„Безбедноста и благосостојбата на нашите деца бараат многу повеќе од реакција по одреден инцидент. Потребни се превенција, едукација и заедничко дејствување. Сакаме да дејствуваме пред да се случи насилството, а не само да реагираме на неговите последици. Секое дете има право да се чувствува безбедно, почитувано и заштитено во своето училиште, а одговорноста за тоа е заедничка“, изјави Меџити.
Преку воспоставувањето на оваа платформа, Општина Чаир има намера да изгради покоординиран систем меѓу сите вклучени страни. Превенцијата, безбедноста и благосостојбата на децата ќе бидат поставени во центарот на институционалното дејствување.
