Како што велат од владината прес-служба, премиерот Заев ја искажа својата благодарност до претседателот Туск за поддршката која тој ја даде за Македонија за време на склучувањето на Договорот од Преспа како и за охрабрувањата кои тој ги упатуваше на македонски јазик до граѓаните во тој период.
Премиерот Заев го извести претседателот Туск дека Владата во Македонија останува силно посветена на реформите во сферата на правната држава, борбата против корупцијата и криминалот, на справувањето со пандемијата, на развојот на економијата и на европските интеграции и дека ќе продолжи политичкиот дијалог со сите чинители со цел обезбедување уште подобри резултати на овие теми.
Претседателот Туск на премиерот Заев уште еднаш му потврди дека тој и Европската народна партија остануваат да бидат посветен пријател и поддржувач на европската перспектива на Македонија и дека ќе бидат вложени дополнителни напори за поддршка на земјата со цел што е можно поскоро отпочнување на процесот на преговорите.
Премиерот Заев потенцираше дека политичкиот дијалог секогаш носи решенија и во таа насока потврди дека во Македонија постојат и услови и потреби за унапредување на соработката меѓу власта и опозицијата, пред сѐ заради тоа што граѓаните очекуваат заедништво и сплотеност на политичките партии кога се во прашање иднината на земјата и интересот на народот.