Можните решенија за обесштетувања земјоделци, кои останале необесштетени за настанати штети од невремето во општините Гази Баба и Арачиново во 2016 година и во 2018 година, поради правни пречки, беа разгледани на денешниот состанок на премиерот Зоран Заев со Аднан Ајрула и уште неколкумина други претставници на Организацискиот одбор на протести на земјоделците од овие две општини.
На средбата, информираа од владината прес-служба, премиерот најави можно решавање на проблемот.
-Има волја кај Владата да се изнајдат решенија за посочените прашања и има и пари во Буџетот за оваа намена. Клучно е да се утврдат можностите за обесштетување согласно закон и сега сме на тоа посветени, рече премиерот Заев.
Договорено е утре, на владина седница, да биде утврдена постапката за обесштетување на необесштетените земјоделци од невремето во 2018 година, преку иницирање измени и дополнувања на Законот за заштита и спасување, што понатаму ќе оди на усвојување во Парламентот.
-За мал број необесштетени земјоделци од невремето во 2016 година, е договорено правни експерти во Владата да ги разгледаат предметите и причините поради коишто досега било невозможно да се реши прашањето, со цел да се утврди дали има правен основ за решавање и на ова прашање, велат од Владата.
На средбата присуствуваа и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа.