Еден ден откако комесарот за проширување на ЕУ, Вархеји, најави можност за почеток на преговори со Албанија, а дека Македонија мора да направи договор со Бугарија, вчера Заев беше категоричен дека не ни треба ЕУ, ако за тоа треба да се даде македонскиот идентитет.
-Нашите стратешки партнери САД и ЕУ се тука да разработат креативни идеи, да споделат искуство, но ние сме тие кои ја носиме одлуката. По цена на македонскиот идентитет и македонскиот јазик не ни треба Европската унија, затоа што ќе бидеме прашина изгубена во ветрот. Кој тоа ќе влезе во ЕУ? Не постои договор кој го договара тоа како се чувствуваме и каков јазик зборуваме и на крајот тоа е европска вредност и затоа Европа стои зад нашите позиции. Но, драго ми е што Бугарија признава и кажува дека тие немаат проблем со реалноста за македонскиот јазик и за македонскиот народ, но ајде вика да ги утврдиме корењата. Ќе ги најдеме и корењата ако бидеме паметни на европски начин. Сите ние сме почитувачи на нашето минато, но сме обврзани да ја креираме иднина колку што може подобро. Колку повеќе се сплотиме толку повеќе благодет ќе почувствува овој наш народ“, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање во Ресен.
Опозицијата пак, ја обвинува Владата на Заев дека ја одалечила земјата од ЕУ наместо да ја приближува. Според ВМРО ДПМНЕ, со криминалот и корупцијата во владата, ЕУ ќе остане далеку.
Еврокомесарот Оливер Вархеји при посетата на Македонија во вторникот, одговарајќи на новинарско прашање дали земјава има шанси да ги почне преговорите со Европската унија во јуни, кажа ‘Навистина многу тешко прашање, работиме многу напорно и ќе продолжиме, но не сме до крајната цел‘.
– Да Албанија ги има исполнето сите услови и ако не се постигне договор за случајот на Северна Македонија мислам дека ќе дојде и тој момент кога ќе треба да разгледуваме и други опции. Денеска разговарав за ова прашање со премиерот Заев и се согласивме дека мора да се направи напредок од двете страни, рече Вархеји.
Вчера од Стејт Департментот изјавија дека САД се убедени дека Македонија и Бугарија ќе најдат решение преку преговарање за нивните билатерални спорови надвор од пристапниот процес со ЕУ.
-Историскиот Преспански договор покажа дека државите во Западен Балкан се способни да исполнуваат тешки работи, да прават компромиси и да наоѓаат решенија. Убедени сме дека Бугарија и Северна Македонија ќе го направат истото преку преговарање на нивните билатерални спорови надвор од пристапниот процес со ЕУ. САД ги охрабруваат сите напори на ЕУ и нејзините земји-членки да им помогнат на страните полесно да го постигнат овој резултат, велат од Стејт департментот.