Поранешниот премиер Зоран Заев се огласи на Фејсбук со демант на „инсинуациите“ дека овторено политички ќе се ангажира и дека прави пуч во СДСМ.

Тој ги демантира наводите дека ќе бил кандидат за претседател на Република Северна Македонија, со заедничка поддршка на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.

„Јас нема да поднесам ниту ќе прифатам кандидатура за претседател на државата“, пишува тој.

Заев вели дека никогаш нема ниту да помисли да го дели СДСМ, ниту да прави „некаков си измислен пуч во СДСМ или било што слично“.

„Доказ за тоа е моето осум и пол годишно раководење со партијата како и државните и изборните победи што ги освојуваше обединетиот и сплотен Социјалдемократски сојуз на Македонија, заедно со силното граѓанско општество“, пишува тој.

Заев во постот ги набројува противниците на своите успеси и ги спомнува „поранешниот премиер и бегалец од правдата Груевски“, „некои поради тоа што суетата им е преголема (Геровски ќе се препознае овде веројатно)“, некои „затоа што имаат потреба постојано да негодуваат, да мразат и да мрчат, оние на кои ништо не им се погодува“ и такви што „не можат едноставно да простат успех на друг, оти нели во Македонија може се да ти простат ама успех не ти се простува“.

Во објавата на Фејсбук Заев не ја коментира средбата на потесното партиско раководство на 21 декември во седиштето на СДСМ на Бихаќка, на која тој, како што обзнани Плусинфо, презентирал план во 7 точки, кој предвидува предвремени избори, поделба на извршната власт во наредните 8 години меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и елиминација на ДУИ на Али Ахмети и на претседателот Стево Пендаровски.

Ова е целиот пост на Заев: