Статистиките покажуваат дисбаланс помеѓу вработеноста кај мажите и жените. Кај мажите вработеноста изнесува 55,8 отсто што е блиску до европскиот просек, додека кај жените таа е 38,7 проценти
Невработеноста за вториот квартал од 2021 година на историски најниско ниво од 15,9 отсто, објави премиерот Зоран Заев.

Во споредба со истиот период лани, таа е намалена за 4,8 проценти.

Како што наведува Заев, стапката на вработеност од крајот на 2020 година односно во последните три квартали расте со темпо од 1,5 отсто што е исто како и пред пандемијата.

„И понатаму стапката на вработеност е доста висока кај мажите, на ниво од 55,8 проценти и е многу блиску до просекот на ЕУ (60 отсто), за разлика од жените кај кои оваа стапка изнесува 38,7 отсто. Оваа Влада посветено работи на корекција на овој дисбаланс преку активните мерки за вработување каде оваа година за првпат се воведе принцип на искористување на овие мерки во сооднос 60 проценти за жени и 40 отсто од буџетот да бидат издвоени за поддршка на вработување на мажи“,вели Заев.

Премиерот додава дека со бранот на изградба и отворање на детски градинки се очекува дополнително да се влијае за жените да бидат позастапени на пазарот на трудот.