Возач загина, а уште тројца завршија во болница со тешки повреди, во тешка сообраќајна несреќа што се случи синоќа на магистралниот пат Куманово – Крива Паланка
Возач загина, а уште тројца завршија во болница со тешки повреди, во тешка сообраќајна несреќа што се случи синоќа на магистралниот пат Куманово – Крива Паланка, блиску до местото викано Смилчинци, општина Старо Нагоричане, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Несреќата била пријавена во СВР Куманово околу 19:05 часот. Според првичните информации, патничко возило „фолксваген голф“ со кривопаланечки регистарски таблички, управувано од 25-годишниот С.Т. од селото Нерав, удрило во куче скитник, по што возачот изгубил контрола и преминал во спротивната сообраќајна лента.
Во спротивната лента „голфот“ директно се судрил со автомобил БМВ, исто така со кривопаланечки регистарски ознаки, управуван од 27-годишниот Ф.Ј. од селото Длабочица. Во несреќата со тешки телесни повреди завршиле двајцата возачи, како и сопатничките од возилото БМВ, 20-годишната А.С. и 53-годишната С.Ј., двете од Крива Паланка.
Повредените биле пренесени во Општата болница во Куманово, каде што кај возачот на „голфот“ лекарите констатирале смрт како последица на тешките повреди.
