Разгледани нови чекори за продлабочување на регионалната соработка
Можностите за унапредување на институционалните капацитети во борбата против корупцијата беа во фокусот на работната средба меѓу министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на Секретаријатот на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ), Алберт Хани.
На состанокот се разговараше за продлабочување на соработката и за конкретни активности насочени кон спречување на корупцијата. Посебен акцент беше ставен на обуките за изработка на Национална проценка на ризик од корупција, како и на антикорупциската проверка на законодавството во областа на внатрешните работи.
Беше посочена и активната улога на Македонија како потписничка на Меѓународниот договор за размена на податоци за проверка на изјавите за имотна состојба. На средбата беше нагласено дека државата претставува пример и референтна точка за земјите кои сè уште не се приклучиле на овој механизам.
Системски пристап во безбедносниот сектор
Министерот Тошковски ја истакна потребата од системски пристап во откривањето и намалувањето на ризиците од корупција, особено во безбедносниот сектор. Тој ја подвлече и важноста од регионална соработка и размена на искуства.
„Борбата против корупцијата е еден од нашите врвни приоритети. Преку зајакнување на интегритетот на институциите, унапредување на законодавната рамка и користење на современи механизми за проценка на ризици, создаваме систем во кој корупцијата станува сè потешка, поскапа и неисплатлива. Поддршката и експертизата на РАИ во овој процес имаат значајна улога, а Министерството за внатрешни работи останува силно посветено на развој на ефикасни и одржливи антикорупциски политики“, истакна министерот Тошковски.
На средбата биле разгледани и конкретни можности за идна соработка. Станува збор за заеднички активности, обуки и проекти насочени кон јакнење на превентивните и репресивните механизми во справувањето со корупцијата.
