Ова е дел од заклучоците на ревизорите од Државниот завод за ревизија во анализата на примената на овој закон во Општина Струга.
-До денот на ревизијата, во општина Струга има 4.040 одбиени барања за регулирање на правниот статус на бесправно изградени објекти, кои согласно Законот за дивоградби и Законот за градење треба да бидат отстранети – стои во ревизорскиот извештај за Струга за периодот од 2011 до 2019 година.
Во извештајот се наведува и дека Општина Струга нема спроведено отстранување на бесправно изграден објект, согласно Законот за постапување со бесправно изградените објекти, и дека нема ангажирано надворешна фирма за отстранување на бесправно изградени објекти.
Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од ДУИ, кој повеќепати изјавуваше дека Струга нема дивоградби, овојпат писмено го известил Државниот завод за ревизија дека тие како општина го прифаќаат нацрт-извештајот и дека сите препораки доследно ќе ги применат во постапките.
Претходно Мерко во повеќе наврати изјавуваше дека неговата општина немала никаков проблем со заштита на природното и културното наследство, дека се запазувало покрај езерото да нема градби, ниту диви, ниту со дозвола, и дека не го загрозуваат природното и културното наследство за зачувување на статусот во УНЕСКО.
Ревизорскиот извештај за Струга, всушност, ги обелоденува слабостите во досегашната законска регулатива кога се работи за справување со дивоградбите, пишува „Слободен печат“.
-Законски дадената можност за доставување на некомплетни барања за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, кои најчесто се без геодетски елаборат и имотен лист за земјиштето на кое е изграден бесправниот објект, честите измени на законот, непочитување на утврдените рокови во Законот, кадровската неекипираност на градежната инспекција, непостапување по донесените заклучоци од градежните инспектори, сложеноста на процесот на донесување на планско урбанистичка документација, слабостите во наплатата на надоместоците за регулирање на правниот статус на бесправно изградените објекти имаат влијание на проблемот со дивоградбите во Општина – заклучуваат ревизорите.
Дивоградбите во Охридскиот Регион се еден од клучните проблеми на кој се однесуваат најзначајните забелешки на обемниот Извештај на УНЕСКО, поради што се препорача Охрид да се стави на листата на добра во опасност. Отстранувањето на дивоградбите оди бавно, посебно во Македонија, се вели во извештајот, кој ја нагласува потребата од забрзано уривање на терасите на брегот на Охридското Езеро кои навлегуваат и во водата. Вакви појави, според она што се пишува во извештајот, се забележани и во Радожда во Струга, која има најголем број изградени угостителски објекти на крајбрежјето.